ВМРО-ДПМНЕ има претставници во Вашингтон – САД, на форум на ИДУ

ВМРО-ДПМНЕ со свои претставници во Вашингтон, САД.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ е делегат во највисокото тело на Интернационалната демократска унија (IDU) – Форумот на IDU, кој по тригодишна пауза, оваа година се одржува во Вашингтон, главниот град на САД.

Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, членот на Извршниот комитет, Владимир Ѓорчев, и Шефот на кабинет на Претседателот, Владимир Нелоски, ќе земат учество во важните дискусии кои се однесуваат на развојот на десничарските партии во светот, позиционирањето на конзервативната идеологија во очи на современите предизвици, војните, економските потешкотии итн.

На форумот свое обраќање имаат и Стивен Харпер (претседател на IDU и поранешен премиер на Канада), Мајк Пенс (поранешен потпретседател на САД), Тед Круз (сенатор од Тексас), Ден Саливан (сенатор од Аљаска), Јанез Јанша (поранешен премиер на Словенија), други конгресмени, како и претседатели и премиери од десничарска провиниенција од Европа и светот.

Освен учество на Форумот, во рамки на посетата на САД, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се сретнат и со политичари, претставници на партнерските институции, невладините организации и универзитети претставени во Вашингтон.

Активното учество на ВМРО-ДПМНЕ на најзначајните настани за десничарските партии од Европа и светот, уште еднаш ја покажува етаблираноста на партијата и нејзините претставници во рамки на геополитичките збиднувања во поширокиот европски контекст.