ВМРО-ДПМНЕ ја потврди определбата кон евроатлантските интеграции, изрази сомнеж во капацитетите на актуелната власт

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од членот на Извршниот комитет, Игор Николов, во вторникот се сретна со амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, при што беше изразена приврзаноста на партијата на интеграциите на Република Македонија во Европската унија и НАТО, но истовремено изрази сомневање во капацитетите на Владата

Двајцата соговорници констатираа дека Македонија и Франција имаат добри односи и дека тие односи мора да се продлабочуваат и во иднина, информираат од партијата.

„Претседателот Христијан Мицкоски истакна дека стратешка определба на Република Македонија е членство на државата во ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во минатото и во иднина ќе стори сѐ во насока на остварување на овој наш стратешки интерес. Мицкоски потенцираше дека досега од Владата во таа насока гледаме само деклеративни заложби, без конкретни дела“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го информираше Тимоние и за политичкиот прогон кој се врши врз политичките неистомисленици, како и репресијата на слободната мисла, што е потенцирано дека е удар врз демократијата.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна и дека е загрижувачка насоката во која се движи економијата на државата и изрази сомнеж за капацитетот на властите, судејќи по економските параметри во изминатиов период, но и забрзаното задолжување. Мицкоски уште еднаш потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ гледа огромен пријател во Република Франција и ќе се грижи за унапредување на односите во иднина, со цел просперитет на нашите два народи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.