ВМРО-ДПМНЕ: Јасно станува зошто министрите на СДСМ го криеја своето богатство

Сега веќе е јасно зошто министрите на СДСМ го криеја богатството, затоа што скандалозно е како тие сегашните министри во време на наводниот режим се збогатиле со милионски капитал и за многу кус период станале газди на огромни богатства, станале милионери, стекнувајќи се луксузни станови, куќи, хациенди на море и луксузни возила под услови на наводен режим и диктатура, изјави на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е и очигледно зошто газдата министер Роберт Поповски го криеше својот анкетен лист кој тежи стотици илјади евра, поседувајќи неколку станови, куќа, уметнички дела вредни десетици илјади евра. Граѓаните очекуваат одговори од газдите на СДС: Како газдата министер Роберт Поповски се стекна со три стана, луксузна куќа со над 400 квадрати двор и уметнички слики од над 1,3 милиони денари? Дали ова е наводниот режим кој тој го говореше цело време? Огромниот имот кој го поседува ли е причината што го криеше анкетниот лист од јавноста?“, запраша Данев.

Запрша и како министерот за надворешни работи Никола Димитров во време на наводен режим станал сосптвеник на имот од околу половина милион евра.

„Како газдата Димитров кој беше дел од амстердамската тројка се стекнал со стан во Хаг кој чини над 300.000 евра? Што ли работа завршил Димитров во април оваа година за тој да се стекне со 5 просечни плати за само еден месец?“, праша Данев

Рече дека јавноста веќе е запознаена со имотот што го пријавил вицепремиерот Кочо Анѓушев кој поседува капитал од над 28 милиони евра.

„Навистина импресивно, ако се земе во предвид дека сето ова го стекнал во време на наводен режим. Граѓаните очекуваат одговор како газдата Кочо Анѓушев заработил 5 стана во Скопје, деловни простории и куќа во Скопје, стан во Белград и луксузна куќа на Халкидики? Покрај недвижнините се стекнал и со луксузни автомобили како Масерати, Порше, уметнички слики, златен накит, луксузни брендови на часовници како Ролекс? Како премиерот Заев под услови на наводен режим според лично признание заработил 6 до 7 милиони евра богатство? Како кланот Заеви од просечно земјоделско семејство од Муртино со своите фирми за 10 години направиле обрт од 200 милиони евра? Како Шекеринска се стекнала со 4 стана во време на наводен режим кои чинат неколку стотици илјади евра?“, заклучи Данев.

Оттаму заклучи Данев, очигледно е зошто го криеја својот имот газдите од СДСМ: „Лажната скромност и лажната транспарентност излезе на виделина. Граѓаните ја очекуваат транспарентноста од функционерите на СДС која тие ја ветуваа и очекуваат одговор на прашањата како се стекнале со толкав имот во време на наводен режим“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.