ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери и директорот на Службен весник, Мартин Костовски. Според партијата објавувањето на Законот за јазици во Службен весник и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, без потпис на претседателот Иванов, а со потпис на Џафери е противуставно. ВМРО ДПМНЕ бараат Уставниот суд да пресече и оцени дали објавувањето на законот за јазици е според Уставот. Повикуваат и на бојкот на законот.
Слична реакција имаше и претседателот Иванов. Тој смета дека со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.
Според него ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.