ВМРО-ДПМНЕ: Криминалот на власта ќе го плаќа народот преку поскапа струја

Власта се подготвува за зголемување на цената на струјата за повеќе од 20 отсто, неизвесно кога ќе се активира и ТЕЦ Неготино, а според информациите кои излегоа во јавноста, а власта не ги демантираше изречно АД ЕЛЕМ побарало покачување на струјата од над 20 проценти а дополнително се чека и на МЕПСО, критикуваше во петокот ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека според едноставни пресметки во најдобар случај со оваа влада на чело на државата од јануари, граѓанин кој плаќал 3.000 денари струја, ќе треба да плати минимум 3.600 денари.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат и дека само за струја домаќинствата ќе треба да издвојуваат  нешто повеќе од петтина  од минималната плата.

„Покачување од 20 отсто или повеќе ќе биде тежок удар за народот. Власта не направи ништо да го спречи струјниот ценовен шок. Власта не ја активираше навремено ТЕЦ Неготино, ниту пак ископа јаглен во РЕК Битола кога требаше са се копа, се потроши водата од хидроакумулациите и државата се остави без ресурси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат дека во РЕК Битола не се копаше јаглен затоа што парите се трошеле на однапред договорени тендери за транспорт и други непродуктивни работи.

„Со вака неспремен енергетски сектор катастрофата која што може да ни се случи може да биде уште поголема. Затоа СДСМ не е решение, бидејќи тие се проблемот и треба да си заминат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.