ВМРО-ДПМНЕ: Лагите на Заев се плаќаат со човечки животи

СДСМ се тотално одлепени од реалноста. Нивната „нова нормалност“ се руши како кула од карти. Народот веќе не им верува ниту ним , ниту на Филипче, ниту на Заев, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ден кога во Македонија е забележан црн биланс со 52 нови заразени граѓани, СДСМ излегуваат со нови манипулации за платите на лекарите и здравствените работници и ги обвинува граѓаните за ширењето на заразата. Далеку се лекарите од ветените 100 илјади денари плата“, се вели во реакцијата на опозициската партија.

Во соопштението за јавноста се посочува дека сегашната реалноста во земјата е дека поради СДСМ и политичките амбиции на нивниот лидер Зоран Заев се случува фијаско во борбата со коронавирусот, а секој загубен живот оди на совеста на Заев.

„Во едни вакви услови Зоран Заев турка избори што значи директно туркање кон изборна кланица. Ситуацијата е излезена од контрола“, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата посочува и оти се покренува и сериозен сомнеж во работата на Комисијата за заразни болести и во нивните процени за мерките кои треба да се преземат.

„Народот умира, а Заев води кампања. Денес мртвите и заразените од корона одат на нечистата совест на Зоран Заев. Повикуваме да се разрешат членовите на Комисијата за заразни болести и на нивно место да дојдат експерти со морален интегритет, луѓе на кои здравјето на граѓаните ќе им биде врвен приоритет. Нив приоритет не им беа лекарите и здравјето и животите на граѓаните, туку приоритет им беше политиката и тоа како да го ублажат поразот и да ја спасуваат кариерата на Зоран Заев. Затоа правеа се само и само да се одржат избори по цена на здравјето и животите на граѓаните“, се додава во партиското соопштение.