ВМРО-ДПМНЕ: Македонија под водството на Заев е загубена држава

Република Македонија под водството на криминалната банда и аболицираниот Заев е загубена држава. Држава во која граѓаните ја загубија надежта дека може да биде подобро, во која никој не верува дека може да има пристоен живот, дека економската состојба може да се подобри, држава во која нема правда, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Отсуството на правната држава, негативно се одразува на сите аспекти од животот на граѓаните. Башибозукот на криминалната банда на власт ги одвраќа странските инвеститори, го девалвира целиот државен апарат, влијае врз одлуката младите да си заминат од државата, директно им штети на граѓаните. Повеќе од очигледно е дека за шерифите на Заев не важат законите, па можат да прават буквално се што сакаат. Во рок од само две ипол години македонската јавност беше сведок на стотици скандали на власта, кои направија граѓаните да ја загубат надежта во сопствена држава. Дали во било која Европска држава човек кој како што сам вели работи спротивно на законите може да биде носител на државна функција. Само во Македонија на Зоран Заев, Драги Рашковски може се уште да е Генерален секретар на Влада, откако навреди голем број свои сограѓани како и народот на држава партнер како Италија. Само со Зоран Заев како премиер, човек за кој цела Македонија слушна како местел тендери може да биде носител на јавна функција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека да не заборавиме на монструозноста на Курто Дудуш кој беше пријавен, дека киднапирал и измачувал човек. Овој човек се уште е градоначалник на општината Шутка од редовите на СДСМ и покрај фактот што цела Македонија слушна како тепа и измачува граѓанин на општината со која самиот раководи.

-Зоран Заев заборави и на својот довчерашен соборец Павле Богоевски кој на целата македонска јавност и призна дека порачувал нелегална опојна супстанца. Дали само поради фактот што тој беше пратеник од редовите на СДСМ, за него не се води кривична постапка? Кој ги прислушуваше обвинителите? Зоран Заев го заташка и мега скандалот со прислушкувањето на вработените во Основното јавно обвинителство. Се уште нема одговор кој и зошто прислушкувал, нема одговор каде завршиле снимките од обвинителите, дали можеби добро познатиот за македонската јавност воајер, Зоран Заев овие снимки ги користи за уценување на обвинителството и купување на личната слобода и слободата на бандитите на власт. Се додека Зоран Заев седи на премиерската фотелја, Македонија ќе е загубена држава. Правда нема да има се додека овој човек ја злоупотребува својата позиција да го штити својот и криминалот на своите сопартијци и пајташи. Кога тој ќе си замине, правдата во и за Македонија ќе се врати, а тогаш ќе одговараат сите оние кои се огрешиле пред законот. Одговорност ќе има и за оние кои со молк ја амнестираат бандата и не постапуваат согласно своите законски обврски, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.