ВМРО- ДПМНЕ: Максимална поддршка за набавка на нови 150 товарни вагони

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави и даде целосна поддршка на склучувањето на договорот за набавка на нови 150 товарни вагони, истакна денеска Лилјана Кузмановска, пратеничка во македонското Собрание.

Таа ја поздрави и одлуката со која во месец март треба да се потпише договор за нови најсовремени шест гарнитури за патнички возови од кои четири дизел и две на електричен погон.

„Сите знаеме дека оваа обнова во возниот парк на железничкиот сообраќај е и повеќе од потребна ако се земе во предвид дека низ Македонија се упатуваат стари и истрошени железнички возила кои до некаде не се ниту безбедни. Обнова на возниот парк на железничкиот сообраќај се прави првпат после 40 години. Првата пратка на нови и современи товарни вагони се очекува во месец јули додека останатите би требало да пристигнат до крајот на годината. Додека, најавениот договор за набавка на нови патнички возови ќе обезбеди патнички железнички сообраќај со капацитет од 1200 места“, рече Кузмановска.

Ова е прв пат досега, рече таа, една Влада да се реши на ваков чекор односно да ги замени старите и истрошени локомотиви и вагони со нови и современи.

„Железничкиот сообраќај во Република Македонија спаѓа во еден од најкористените во Република Македонија и за тоа оваа одлука е за поздравување. Оваа мерка е и повеќе од потребна за граѓаните на Република Македонија. Посебно, бенефит од новите локомотиви и вагони ќе видат граѓаните од внатрешноста на Македонија. Граѓаните на градовите како Велес, Прилеп, Битола, Кочани, Неготино, Гевгелија и други со новите вагони и локомотиви ќе можат побезбедно и побрзо да ги извршуваат своите обврски“, додаде Кузмановска.