ВМРО-ДПМНЕ смета дека Царовска и МТСП неодговорно и популистички се однесуваат со луѓето

Стотина луѓе питачат по улиците на Скопје, од кои голем број и со мали дечиња, а Царовска не презема ништo реагираат од ВМРО- ДПМНЕ на изјавата на Милан Живковиќ од СДСМ.

На Царовска и е побитна партиската кампања и докажувањето пред нејзиниот шеф Зоран Заев, отколку стотина граѓани кои секојдневно питачат за корка леб.Три години Царовска ги преспа во МТСП без да направи една суштинска мерка.

Граѓаните не паметат кога последен пат е отворена нова детска градинка. Но затоа паметат како Царовска ја скрати помошта за трето дете. Мила Царовска продава гол популизам, зад кој се крие шупливата реалноста на македонската сиромаштија.

Наместо пресови од седиштето на СДСМ, функционерите на власта требаше да излезат помеѓу граѓаните, но за тоа е предоцна. Време е СДСМ да си замине, се наведува во реакцијата.

Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ, на прес-конференцијата изјави дека повеќе ниту едно дете до три годишна возраст не живее во институциите на државата.

„Со отворањето на петте мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го започна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти коишто наликуваат на топол семеен дом.

Домот во Битола не се затвора, се трансформира во давател на нови, современи социјални услуги. На почетокот од 2020 година ќе започне да функционира регионалниот Центар за поддршка на згрижувачките семејства, како и други услуги предвидени со Законот за социјална заштита. Со последите 5 мали групни домови во Битола во нашата држава се отворени вкупно 17 мали групни домови.

Со ова процесот на вадење на сите деца од институциите завршува една година порано од предвидениот рок. Во 2017 година кога започна процесот имаше 180 деца во институции, сега има останато само уште 11 деца кои се постари од три години, а Министерството за труд и социјална полтика работа e посветена на тоа и тие до крајот на годината исто така да бидат згрижени во топол дом.

Го подобруваме начинот на грижа за децата во најрана возраст со квалитетни просторни и физички услови во кои живеат децата. Но, исто така работата во групните домови ќе им овозможи на социјалните работници да имаат индивидуален пристап кон секое дете, согласно неговите желби и потреби. Со ова ќе им се овозможува на децата квалитетен раст и развој, но и еднаква основа за понатамошен успех како и на сите други деца кои растат во семејна средина“, рече Живковиќ.