ВМРО-ДПМНЕ: Младите се незадоволни од криминогената власт на СДСМ

Фрапантни се процентите кои покажуваат дека младите не се задоволни од оваа криминогена влада на СДСМ на која единствен приоритет и се бизнис интересите, се вели во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во саботата.

СДСМ и премиерот Зоран Заев донесоа црнила за младите, се наведува во реакцијата на опозицијата, од каде потсетуваат дека дури 83,7 проценти од младите во Македонија во анкетата на порталот Факулетит.мк одговориле дека би заминале од земјата кога би можеле и би имале шанса.

„Младите се најголемата жртва на лагите и манипулациите на криминалната влада на СДСМ и Зоран Заев, се што им ветуваа брда и долини, а немаат направено ништо. За СДСМ младите никогаш не биле приоритет. Младинската гаранција, изградба на студентски град и тоа во првите 6 месеци од преземањето на функцијата како и подобрување на студентскиот стандард, погодност за студентите и младите невработени на СДСМ се проекти кои останаа само празно слово на хартија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираат дека СДСМ и Заев ги измамија младите и за скоро две години од нивниот мандат освен што ги излажаа и манипулираа студентите, покажаа дека немаат намера да направат ништо добро за младите.

„Фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е во младите. Затоа ВМРО – ДПМНЕ во новата програма планира пристапи кои ќе ги поттикнат најдобрите студенти, ќе направат мост помеѓу образованието и бизнис заедницата, ќе ги подобри состојбите во образованието и ќе понуди остварливи цели за нормализирање на животот на младите, тука, во Македонија. СДСМ и Заев се директно одговорни за уништување на младите и затоа мора час поскоро да заминат. На Македонија и требаат млади кои одново ќе треба да ја издигнат државата од пустошот кој го направи Заев и СДСМ“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.