ВМРО-ДПМНЕ: Што бара службено возило на МВР камп во Грција

Министерсвото за внатрешни работи три дена молчи и не одговара што бара нивно службено возило во кампот „Евридики“ во соседна Грција? Кој издал налог и што барал полициски службеник со службен џип во кампот? Кого превезувал во џипот, и чии се кесите од „Лидл“ коишто се гледаат во багажниот простор?, праша во понеделникот портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Претходно во саботата и неделата НетПрес објавуваше дека возило, односно лускузен џип „Ровер Според Дискавери“ за кои извори тврдат дека го должи директорот на Бирото за јавна безбеднот, Лазе Велковски, бил снимен во кампот „Евридики“, како и дека според истите извори со него биле превезувани неколку девојки од кои едната наводно била ќерката на директорот. Во меѓувреме во неколкуте свои соопштенија МВР потврди дека возилото на празникот Илинден било на територијата на јужниот сосед, но дека било управувано од службено лице со службен налог, како и дека внатрешната контрола и натаму ќе го истражува случајот.

„Срамно е МВР да не знае три дена што се случувало со службеното возило и преку соопштенија да ја манипулира јавноста. Дали сакаат да не убедат дека службената делегација на МВР предводена од ќерка на висок функционер и нејзини другарки со службен возач била испратена во кампот Евридики да полагаат свежо цвеќе за Илинден? Да не беше трагично ќе беше смешно како Оливер Спасовски и СДСМ се обидуваат да го покријат расипничкото однесување“, рече на прес-конференцијата Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ притоа прецизираше дека во МВР има само три џипа од овој тип и оти точно се знае кој ги должи. Џиповите, додаде Стоилковски, се дел од поголема донација на Европската унија и требало да бидат наменети за раГничната полиција и поефикасно справување со илегалната миграција.

„Тука се поставува прашањето, кога СДСМ и нивните функционери вака се однесуваат со донациите на ЕУ за кои што нашите меѓународни партнери водат сметка како се употребуваат, што ли прават со парите на граѓаните. Ова не е ништо друго, туку бескрупулозна злоупотреба на државните ресурси за задоволување на хедонистичките потреби на функционерите на СДСМ и на нивните семејства“, истакна претставникот на најголемата опозициска партија.

„Единствената Европа за која зборува власта завршува на грчките плажи. Башибозукот е дојден дотаму што службени полициски џипови се користат за транспорт на семејства на високи функционери до грчките плажи. Веќе неколку дена јавноста сведочи како МВР и власта не само што не можат да го покријат самоволието и злоупотребите. Откако скандалот на МВР – ТУРС одекна во јавноста, а се споменува семејството на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, МВР – ТУРС  се обидува да го засени со оправдувања дека возилото било управувано од службено лице со налог“, рече Стоилковски.

Побара одговорност за овој случак, бидејќи, како што рече, „ваквото расипништво е недозволиво“.

„Секојдневни афери и скандали поврзани со криминалните тендери, тендерски милионски суми за фиктивни фирми и злоупотреби на државен имот и пари од буџетот ја следат оваа власт. Се злоупотребува се’, од хеликоптери до полициски џипови само за задоволување на нараснатото его и ненаситните апетити. Но, јавноста и не можеше да очекува поинакво однесување од власта на неколкукратно оосомничен и аболициран политичар“, заклучи Стоилковски.