ВМРО-ДПМНЕ: На СДС и ДУИ како малку да им беше што го уништија стандардот на граѓаните, па во заминување ги зголемуваат цените во Катастар и до 300%

Власта на СДС и ДУИ дури и во заминување во последните денови не пропушта можност да му наштети на сопствениот народ. Како малку да беше цела штета што им ја нанесоа на граѓаните изминативе 7 години, па сега дополнително удираат по нивните џебови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението на партијата се наведува дека откако го уништиле стандардот на граѓаните и го осиромашија, откако се покапе од храна па се до парно и струја, на крајот на мандатот им текна дека ги немаа поскапено катастарските услуги па некои од нив ги поскапуваат дури за 300%.

-Или поконкретно, за упис на нов стан во Агенцијата за Катастар, за добивање на имотен лист наместо како досега 1.250 денари, цената ќе биде најмалку 3.750 денари плус 600 денари за нотарски услуги. Но, ако сакаат да имаат и гаража, граѓаните треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари. Имотен лист во фаза на градба ќе чини 5.250 денари, а за услугата бришење на предбележување цената ќе изнесува 2.625 денари, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат и дека удирањето по џебот на граѓаните не запира тука, па поскапуваат и геодетските елаборати.

-Основните надоместоци за геодетските елаборати, кај приватните геодети ќе бидат од најниски 5.626 денари до највисоки 16.917 денари. Воедно ја покачуваат цената по квадратен метар која ќе се наплаќа дополнително и се движи од 4 до 40 денари, зависно од објектот, а тука не се пресметани трошоците за користење на податоци, од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност, што значи цената ќе се зголеми и за овие два параметри. Понатаму, за да се осигураат од власта дека повеќе ќе си зграбат за себе, па ќе има паралелни геодетски компании со овие две лиценци односно трошоците за лиценца, кои ги наплаќа комората, директорот Борис Тунџев, ќе ги наплаќа на сметка на Агенција за катастар. Така, наместо еднаш да застанат на страната на граѓаните и да покажат емпатија, тие во цела скапотија дополнително удираат по народот. Не постои друга власт која толку си мрази сопствениот народ како власта на СДС и ДУИ, но за среќа денови се во прашање кога ќе си заминат и нема да се повторат, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.