ВМРО-ДПМНЕ: Наместо силна и реална, денес имаме лажна и бедна економија!

Опизициската ВМРО-ДПМНЕ вели Владата на СДСМ предводена од двоецот Заев-Анѓушев упорно се обидуваат на секој начин да ги прикрие катастрофалните економски резултати што реално се случуваат во земјата додека тие се на власт.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наглсаува дека преку манипулации и лаги се обидуваат да креираат лажна слика дека економијата блеска и ветуваат секојдневно дека само што не дошол економски бум. Но за жал податоците и фактите ја откриваат суровата вистина, истакнуваат од оваа партијаи додаваат дека тоа најдобро го чувствуваат граѓаните на свој грб, соочувајќи се секојдневно со егзестенцијални проблеми да преживеат, а младите поради немањето никакви изгледи за економски просперитет ја напуштаат секојдневно државата.

„Пропагандната машинерија на оваа неспособна Влада секој ден се обидува да презентира некакви лажни ново креирани работни места кои се резултат на статистички манипулации и социјални програми базирани на скапо платени активни мерки за вработувања кои немаат никаква одржливост, ниту реален долгорочен бенефит за граѓаните“, наведуваат од најголемата опозициска партија и потенцираат дека нивната главна цел е популистички да манипулираат со граѓаните и јавноста. Она што е единствено реално во овие бројки се новите креирани работни места во оние фабрики во ТИРЗ зоните кои минатата Влада успеала преку една добро дизајнирана програма за привлекување на СДИ да ги донесе во земјата.

Понатму се истакнува дека ако се погледнат податоците, онаа бројка на нови работни места со која тие манипулираат во јавноста е нереална и неодржлива. Затоа што реалниот БДП на земјата во периодот кога СДСМ е на власт се зголемил за 284 милиони евра, тогаш излегува дека секое ново работно место што е креирано во овој период создава само 470 евра месечно, наспроти 820 евра што секој работник во просек создавал претходно во економијата. Тоа е за 70 отсто помалку, што според секоја економска логика е неодржливо и само ја докажува тешката манипулација што оваа Влада на СДСМ сака да му ја продаде како евтин трик на својот народ обидувајќи се на тој начин да ја прикрие својата неспособност.

„Сите овие манипулации не треба да не изненадат, ако го земеме во предвид фактот дека оваа манипулантска и неспособна Влада предводена од Заев со месеци се фалеше со некакви добри економски резултати дури и кога економијата растеше со 0 (нула) проценти. Она што е реална вистина која сите ние ја гледаме секојдневно е дека нема капитални инвестиции, нема високо платени работни места, нема економски просперитет за младите, нема конкурентни домашни компании. Она што единствено има во времето на владеењето на двоецот Заев-Анѓушев е наместени тендери, криминални грантови, корупција на сите нивоа, криминални бизниси на луѓе блиски до владејачките структури, висока сиромаштија, егзодус на младите. Затоа почитувани граѓани час поскоро треба да ја испратиме оваа неспособна Влада во темната страна на историјата, и заеднички со сплотени сили и енергија да го започнеме новиот пат кон економска обнова на Македонија“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.