ВМРО-ДПМНЕ: Навредата врз Иванов е навреда спрема мнозинството граѓани

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, е одговорен и доследен политичар и како партија ги цениме неговите активности, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението

Претседателот на државата треба да е прифатлив за мнозинството граѓани и ние не гледаме на Претседателот преку етнички рамки, туку гледаме преку неговата улога во заштитата на државните и националните интереси.

Ние не сме оптоварени со тоа кој кого ќе поддржи, за нас е важно да се почитува Уставот и државните интереси. Уставот посочува дека Претседател на Република Македонија се избира со мнозинство од 40% од вкупниот број граѓани гласачи.

Односот на навредување на актуелниот Претседател на Република Македонија е демонстрирање на некултура, а имајќи го предвид фактот дека Претседателот е избран на легални и легитимни избори, навредата врз него е навреда спрема мнозинството граѓани што го поддржале на тие избори.

Што се однесува до ставот на ДУИ, ние тој став го почитуваме, но апсолутно не значи дека тоа е и наш став и не значи дека за сите прашања, па и за ова, треба заеднички да настапиме или да имаме заеднички став. Ние се водиме од тоа што ние го сметаме за државен и национален интерес.