ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи нови национални отстапки кон Бугарија, порача Мицкоски

69

Доколку оптимизмот во врска со односите со Бугарија што го изрази шефот на државата Стево Пендаровски се должи на дополнителни национални отстапки
со Бугарија, ги предупредувам и него и премиерот Зоран Заев дека ВМРО-ДПМНЕ таква работа нема да поддржи и веднаш по формирањето на новата влада тој договор ќе биде напуштен, изјави во петокот попладнето челникот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на настонот  на денешниот настан во Охрид кој го организира партијата
заедно со фондацијата Конрад Аденауер.

Мицкоски рече дека очекува кога Пендаровски ќе се врати од Рим, во духот на добрите односи да го повика и информира што се разговарало со Радев и на што се должи оптимизмот.

„Ако оптимизмот се должи на дополнителни национални отстапки, тогаш мојата порака и до Пендаровски и до Заев и до останатите политичари е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи и да не им паѓа на памет ниту една реченица која може да биде сфатена двосмислено, а која ќе значи национални отстапки и национални концесии за македонскиот народ и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, таквиот договор нема да го поддржува и веднаш по формирањето на новата влада таков договор нема намера да почитува. Ги предупредувам политичарите кои преговараат за дополнителни отстапки на грбот на македонскиот народ и држава ние немаме намера да ги поддржиме и по промена на власт таквиот договор ќе биде напуштен“, истакна Мицкоски.

Во однос на изјавите дека односите меѓу двете држави се тензични, Мицкоски прашува од каде е тоа, кога Заев постојано вели дека тие се релаксирани.

„Не го разбирам потегот на водството на претходната бугарска влада да ја блокира Македонија, притоа поставувајќи услови кои во најголем дел се однесуваат на 19 век и немаат никаква врска со европските вредности и со иднината на двете држави, на Македонија и Бугарија. Никогаш не можев да помислам дека некој некого може да блокира поради прашања кои се од 19 век, а ние се бориме за 21 век. Еве денеска и утре ќе зборуваме за дигитализација, за животна средина, за вештачка интелигенција, за роботика. Јас навистина сум шокиран од тоа што и се случува на Македонија и тоа од соседот кој треба да е наш најголем поддржувач“, потенцираше Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.