Нема потреба од вонредна седница на Советот на Град Скопје, одговори партијата ВМРО-ДПМНЕ на барањето на советничката група на СДСМ за таква седница заради високото аерозагадување, на која би се вовеле мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
– Ковачевски и Арсовска на тајните средби, покрај тендери, нека договорат за народот мерки за почист воздух. Сите мерки кои ги има Јанчева или некој советник од СДС може да му ги даде на Ковачевски, кој е во тајна коалиција со Арсовска, и заради која соработка ВМРО-ДПМНЕ ја повлече поддршката за градоначалничката. Ковачевски на средбите со Јакимовски и Арсовска, освен тендери може да договори и некоја добра работа за граѓаните како што е почист воздух – одговорија од ВМРО-ДПМНЕ со соопштение.
Оттаму додаваат и дека дури и во СДСМ досега требало да сфатат дека нивниот претседател е во коалиција со Арсовска.
– Плод на истата е и директорот на ЈСП, кадар на СДС, претпријатие преку чие ефикасно делување може да се намали загадувањето. Очигледно е дека во СДС не се знае кој што прави, па Јанчева или го опструира Ковачевски или тој го опструира цело СДС, може тоа е и плус причина зошто пратениците му бараат избори, а тој бега – соопшти партијата.
Координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева денеска побара да се свика вонредна седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во главниот град, кое е на алармантно високо ниво. Мерките што ќе ги предложат се: итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна прераспределба на пари во градскиот буџет за борба против загадувањето, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување со еколошки енергенси, акциски план за чистење на сите депонии, чистење и миење на улиците и јавните површини со на цистерни, како и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
Таа рече и дека СДСМ се сомнева дека инспекторите не смеат да постапуваат без усна согласност на секретарот на Град Скопје и повика тоа веднаш да престане.