ВМРО-ДПМНЕ: Немаме ништо против политички дијалог, но повторување на „Пржино“ е непотребно и неприфатливо

Во партијата ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во секоја држава за значајни прашања се води дијалог меѓу партиите, но во рамките на државните институции и во моментов не ја гледаат потребата ниту е позната темата за друг вид средби, се наведува во соопштението од саботата по повод предлогот на европратеникот Иво Вајгл за средба на македонските партиски челници во Париз на ткн „Жан Моне дијалог“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против политички дијалог, но повторување на ‘Пржино’ во или надвор од Република Македонија е непотребно и неприфатливо. Ние сме за разговори со парламентарното мнозинство, но преферираме тој дијалог да биде во рамките на државните институции. За прашања како што е спорот околу името, остануваме на ставовите дефинирани во нашата програмата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во пизмената изјава се истакнува и дека во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат прецизни информации околу темите на кои би се разговарало во Париз, па во овој момент не би можеле априори да се произнесат.

Велат дека откако ќе се детализираат работите, би излегле со конечен став во врска со евентуалните средби со партиите од мнозинството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.