ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола: Болницата се распаѓа, а Обедниковски, како неговата претходничка е носител на хаосот

Дали вработени лекари во Клиничката болница Битола по “договор” различно се платени поради партиски книшки, ова денеска преку видео изјава го прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола.

„Денешната реакција е по Ваше барање и инсистирање, почитувани граѓани и е адресирана до директорот на битолската Клиничка болница Александар Обедниковски.

Секако, најдиректниот повод е и големата трагедија што се случи и во оваа прилика изразуваме длабоко и искрено сочуство до родителите и семејството.

И тој, како носител на јавна функција во витална институција треба јасно и гласно да одговори колку кратно го зголемил долгот од 22 милиони? Граѓаните ги интересира, исто така, колку народни пари тежи неговиот потпис – во категоријата РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА?

Дали е вистина дека во моментов во Клиничка болница Битола работат 20 вработени, без надомест, без осигурување и без санитарни книшки? Дали тоа е не е кршење на работничките и човековите права, а уште пострашно, работењето без санитарни книшки е директна закана за пациентите. Граѓаните ги интересира, меѓу другото, според кои критериуми, ако на сите лекари им се исплаќа по договор на дело 34 000 денари, сестрата на сопругата на советникот Борче Корлевски зема 50 000 денари?

Болницата се распаѓа, а Обедниковски, како неговата претходничка е носител на хаосот, трошењето и импровизацијата во менаџирањето со Болницата. Во меѓувреме, во целиот овој хаос, додека им доцнеше платата на здравствените работници, директорот Александар Обедниковски се прошетал и до Америка.

Пораката од граѓаните е иста како до неговиот партиски локален шеф, Крајовски. Таа гласи: оди си, доста е! А, институциите и за овој случај јавно ги повикуваме, да реагираат по допрен глас и конечно да почнат сериозно да си ја работат својата работа!
Одговорност мора да има, веќе цената од импровизациите е немерлива, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола.