ВМРО-ДПМНЕ: Пандемијата за Заев и неговите соработници е игра, но за граѓаните е борба за живот

37

Пандемијата за Заев и неговите соработници е игра, но за обичниот граѓанин е борба на живот и смрт, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека додека Заев и неговите послушници танцуваат со корона вирусот, бројот на заболени постојано се зголемува, нема соодветен број на тестови, а од ден на ден се зголемува и бројот на починати.

„Додека Заев се забавува, медицинскиот персонал го става сопствениот живот на ризик без соодветна опрема.
Додека Заев танцува расфрлајќи се со пари од буџетот, граѓаните не знаат како ќе преживеат и со што ќе се прехранат до следниот први.
Мерките на Заев преставуваат измама , како и се друго што направи во овие три години.
Мерките се рестриктивни и недоволни за помош за компаниите за да ги задржат сите вработени на своите работни места“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Жалиме, велат од партијата, што владата остана глува на барањата на стопанството, како што впрочем е ситуацијата и за се останато.

„Државата не смее да бега од обврската да им помогне на компаниите и на вработените и за месец март.
Како и со сите други мерки, така и со оваа владата доцни дури 20 дена и свесно ја промовира на 2 април.
Многу мал број на компании ќе го искористат полниот износ од 14.500 денари, затоа што мерката се врзува со бројот на работните часови на вработените, односно ефективни работни часови“, се вели во соопштението.

Имајќи предвид дека вонредната состојба ќе потрае, додаваат, вработените ќе имаат нула ефективни работни часови во месец април, а можно е и во мај, што уште повеќе ја продлабочува кризата, загубата и пропаста на компаниите, стопанството и економијата во Република Македонија.

„Вработените во компаниите со нула ефективни работни часови во април не ќе можат воопшто да ја користат оваа поддршка од 14.500 денари. Истото ова може да се случи и за месец мај.
Зоран Заев прво ги убедуваше сите дека „Економијата блеска, а резултатите се за поклонување“. Ги охрабри компаниите да имаат развојни планови и да исплаќаат награди, а сега предвидува неговата мерка да не важи за компаниите кои исплатиле дивиденда на своите вработени.
Исто така сите компании кои што веќе се корисници на мерките преку Агенцијата за вработување нема да можат да ги искористат овие 14.500 денари“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, додаваат, наместо импровизација ВМРО-ДПМНЕ предлага сериозни мерки.

„Цели 200 милиони евра може да се обезбедат преку искористување на средствата од вториот пензиски столб, мерка која што сега ја имплементира Естонија.
ВМРО предложи субвенционирање за одржување на ликвидноста преку исплатата на бруто плата на работниците во компаниите за март, април и мај во износ од најмногу 50% од месечната бруто плата по работник. Висината на месечната субвенција по работник може да изнесува максимум до висината на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година.
Македонската економија нема да се спаси со празни флоскули и пи-ар пропаганди на владата, туку со засукување ракави и макотрпна работа. Политиките и политиканството во овие моменти треба да се тргнат на страна, да се соработува и да се изнајде вистинско решение за проблемите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.