ВМРО-ДПМНЕ: Платформата за онлајн настава не е завршена, учениците немаат ниту електронски, ниту печатени учебници

На само две недели пред почетокот на новата учебна година на први октомври повторно хаос во образованието. До училиштата не е доставена скратена програма изработена од БРО, за да можат наставниците да се подготват. Во месец август директорите на училиштата, назначени од Владата на СДСМ и ДУИ ги викаа наставниците итно од годишен одмор, за да го креираат годишниот училишен план, за сега да го поправаат. Се покажа дека дел од училиштата го предале, а дел не, но поважно од тоа е што тој поради скратување на училишната година за 138 училишна часа, сега треба да се преправа, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Платформата за онлајн настава сè уште се изготвува, а наставниците, родителите и учениците се речиси во паника поради нејзино непознавање и потребата од обука. Колку за информација во руралните средини и подрачни училишта наставниците им ја инсталираат платформата на учениците при што две до три деца користат еден компјутер. Интернет врските во огромен дел од училиштата се лоши и во огромен дел од училиштата наставниците немаат компјутери, лаптопи, па дури ни таблети. Сосема е јасно дека 30.000 компјутери не може да се набават за 30 дена, велат од партијата.

Предупредувавме на време и потсетуваме на роковите за спроведување на набавките. Немаше кој да нè слушне, затоа што во тек на летото сè беше поважно освен образованието, изборите, кампањата, масовниот легален поткуп, сè друго, но не образованието. Нема печатени и нема електронски учебници. Од заштедите што училиштата ги остварија во претходното полугодие, директорите на СДСМ и ДУИ наместо да набават опрема, да го појачат интернетот, да набават средства за хигиена, фарбаа, менуваа врати, поправаа огради, поправаа фасади и менуваа сијалици. Учебната година можеби и ќе почне на први или на петти октомври, ама учењето не, јасно е како бел ден, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.