ВМРО – ДПМНЕ поднесе кривична против Заев за поткуп при избори, СДСМ возврати- не постои никакво кривично дело

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска до јавното обвинителство ја поднесе кривичната пријава против премиерот Зоран Заев за поткуп при избори, најавена викендов.

Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на партијата пред обвинителсвото рече дека во склоп на кривичната пријава доставиле и видео материјал.

На видеото се слуша како Зоран Заев јавно повикува на поткуп,  се слуша дека признава, еден бизнисмен, односно сопственикот на „Минстрој“ веќе му ветил дека ќе ги награди работниците доколку излезат на претстојниот референдум. Целта ни е да докажеме дека никој не е над законот па ниту Зоран Заев, рече Димовски.

Исто така бидејќи сме овде, би сакал да го прашаме јавниот обвинител, до денеска немаме одговор еве од 5-ти јули е поднесена кривична пријава против Зоран Заев, премиерот на Република Македонија, Никола Димитров министер за надворешни работи на Република Македонија, Талат Џафери претседател на Собранието на Република Македонија, Артан Груби претседател на Комисијата за европски прашања и уште 67 пратеници по 4 основи од Кривичниот законик и тоа велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност и злоупотреба на службена положба. Помина повеќе време, поминати еве речиси два ипол месеци до денеска немаме никакво известување што се случува со таа кривична пријава која што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе, рече Димовски.

Во рекацијата од страна на СДСМ се вели: Поднесувајќи неосновани кривични пријави кои немаат никаков основ ниту пак цел, ВМРО-ДПМНЕ покажува дека се уште останува заглавена во матрицата на минатата  и времето кога го злоупотребуваа судството за пресметка преку беспредметни пријави.

Не постои никакво кривично дело, а најмалку поткуп при избори, тоа ВМРО-ДПМНЕ добро го знае. Вистинското прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ е против зголемувањето на платите за работниците? Зошто на опозициската партија и пречи растот на платите, растот на живтниот стандард на граѓаните па поднесува неосновани пријави со кои се обидува да ја замајува јавноста? Кривични дела се криминалите, газењето на човековите права и договорените провизии на ВМРО-ДПМНЕ правени континуирано 11 години години наназад. Поттикнувањето повисоки плати за сите работници, е одговорност на секој премиер и владата што ја предводи, реагираат од СДСМ.