ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог за стопирање на пописот по итна постапка

ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка. Партијата бара да се закаже итна и неодложна седница на Собранието на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира пописот.

– Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон – рече денеска Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но порачува дека сме и ќе бидате против „фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско-коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Република Македонија“.

– На ова самоволие мора да му застанеме на патот и да не дозволиме криминален и насилнички попис. Оваа лакрдија што ни се случува во врска со пописот, ја најавувавме и предвидовме уште од самиот почеток. Но самобендисаната власт на чело со Зоран Заев, воопшто не сакаше да разговара и дебатира на оваа тема. Од редовна и статистичка операција, неспособноста на Зоран Заев и владата овој попис го претвори во политичка операција и пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови – рече Василевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.