ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за враќање на старите законски решенија за спортот, зашто се поефикасни

23

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието поднесоа Предлог-закон за спорт со кој што се бара враќање на старите законски решенија кои што беа позитивно прифатени од спортска јавност и даваа одлични резултати, за што сметаат дека е повеќе од неопходен.

„Постоечкото законско решение кое го донесе Владата предводена од СДСМ продолжува да прави проблеми на спортските федерации и спортистите, а дополнителен проблем е и новата ситуација која што се појави во парламентарното мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ со Законот за данок на добивка во кој измените се однесуваат токму за вредноста на ваучерите кои се доделуваат на спортските субјекти од страна на Агенцијата за млади и спорт, а преку кои се врши донирање на финансиски средства од страна на правните лица во спортските субјекти и се користи даночното ослободување.

Имено, коaлициониот партнер на СДСМ, ДУИ, побара симнување на оваа точка од дневен ред што предизвика еден вид на блокада на носењето на овој закон“,наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија велат дека спортските федерации и спортистите реагираат со право и бараат политичките пазарења да се тргнат настрана од спортот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за проблем кој што треба СДСМ и ДУИ како коалициони партнери да го решат.

„Сегашниот закон ќе продолжи да нанесува штета на спортските клубови, посебно на оние кои што се натпреваруваат во помал ранг и не можат да успеат да ги исполнат критериумите кои што ги постави Агенцијата за млади и спорт за да добијат право на ваучер, односно на финансиски средства кои што им се повеќе од потребни“, нагласуваат од опозициската партија и додаваата дека реализацијата на ваучер системот мора да се напомене дека во моментот не е многу практичен, од причина што најголем дел од спортските клубови кои се натпреваруваат во втората односно трета лига и останатите младински лиги во националните првенства се изземени од негово користење и не се во можност понатаму да функционираат и да се натпреваруваат.

„Од друга страна, пак, спортските клубови кои што го имаат ваучерот од страна на Агенцијата за млади и спорт се соочуваат со големи проблеми околу реализирањето на истиот, затоа што правните субјекти, односно потенцијалните спонзори, не се доволно информирани и кај нив постои скептицизам во врска со начинот и постапката за неговата реализација.

Според Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата единствено решение е да се врати старото законско решение кој што даваше одлични резултати и понатаму во дебата и разговори со спортските федерации да се работи на овозможување на уште подобри услови и изнаоѓање на начини како спортот во Република Македонија поквалитетно да добива финансиска сигурност бидејќи тоа е единствениот начин за негов развој.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.