ВМРО-ДПМНЕ како предводник на коалицијата „За подобра Македонија“, вчеравечер, до Управниот суд на Република Македонија поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија УП1 10 – 487 од 18.12.2016 година, со кое се уважи скандалозниот приговор на подносителот, политичка партија Движење БЕСА и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на РМ, на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар изборна единица 6, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквата незаконска одлука на Државната изборна комисија директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ, се вели во соопштението.
Во рамки на тужбата, правната служба на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ приложила бројни докази и аргументи со кои се потврдува незаконитоста и неоснованоста на одлуката на Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ повикува да не се врши притисок врз Управниот суд од никого и судиите да одлучуваат исклучиво врз основа на закон. Секое поинакво постапување би било фалсификување и крадење на јасно изразната волја на граѓаните со пост изборен инженеринг, велат од ВМРО-ДПМНЕ.