ВМРО-ДПМНЕ прашува за што Владата ја задолжува државата

Црното економско трио, коешто според опозицијата го сочинуваат премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, ја потопи македонската економија, а граѓаните ги донесе на раб на преживување, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија посочуваат дека вчера Владата предводене од СДСМ ги задолжи граѓаните за нови 54 милиони евра, кои ќе треба да ги враќаат граѓаните и идните генерации.

„Уште потрагично е што во наредните недели се планира раздолжување од 37 милиони евра, така што чисти остануваат 17 милиони евра за кој никој не знае каде ќе се потрошат. Граѓаните не видоа никаква корист од овие задолжувања. Мизерија на секој чекор. Ветуваа капитални инвестиции од 80 отсто, а добивме реализација од само 21 проценти. Потфрлија на секое поле. Кратат буквално од сѐ. Не се гради речиси ништо. Нема нови инвестиции, нема нови патишта, нема нови болници, инфракструктура“, се наведува во соопштението од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека „црното економско трио“ Заев, Тевдовски, Анѓушев за неполни две години успеаја целосно да ја потопат македонската економија, а граѓаните да ги донесат на работ на преживување.

„Речиси и да нема сектор во еномијата каде ситуацијата не е катастрофална. Растот на БДП како што го ветуваа дека ќе биде 4 или 5 отсто останува само пуста желба на Заев. Дури и ММФ ги намали проекциите за раст на БДП на ниски 1,6 проценти, што нѐе прави шампиони по најнизок раст во Европа. Mакедонската економија колабира. Од ден во ден запаѓа во сѐ поголеми неволји, а власта се расфрла купувајќи лубриканти и делејќи милионски тендери на блиските соработници. Ваквото однесување на СДСМ мора да престане. Сите непродуктивни трошоци да сопрат и конечно да почнат да спроведуваат политики кои се од интерес на граѓаните. Како најнеопоходна работа е да се намали акцизата на горивата, зашто на долг рок е неиздржива ваквата ситуација не само за македонското стопанство туку и за граѓаните“, стои во соопштението.

Опоцизијата додава дека секогаш кога СДСМ е на власт економијата во државата е во катастрофална состојба.

„Наместо да се фокусираат за тоа како да подобрат стандардот на граѓаните тие тераат пропаганда за неуспешниот референдум и како да го протуркаат на сила капитуланскиот договор со Грција. Расипничкото трошење на парите на граѓаните мора веднаш да запре! Македонија и македонскиот народ издржале многу тешки работи во минатото, а ќе ја издржат катастрофата наречена Зоран Заев и ќе го испратат во историјата. Македонија ќе победи“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.