ВМРО-ДПМНЕ: Правдата ќе излезе на виделина – Стразбур констатира само преуранетост на апликациите

Судот во Стразбур не навлезе во суштината на апликациите поднесени од апликантите, туку само констатира преуранетост и неискористување на сите правни механизми во Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), според која се отфрлаат жалбите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов прво донесе одлука да ги помилува, а потоа ја повлече одлуката.

Од опозициската партија велат дека суштината и правдата по однос на овој случај еден ден ќе излезат на виделина, на власта ѝ порачаа да се загрижи за одлуката на Судот во Стразбур, наместо да прави дефокус во јавноста со тоа што ја слави одлуката на ЕСЧП.

„Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина. Исто како што во јавноста излегуваат на виделина високата инфлација, криминалните тендери, корупцијата, предавствата, неспособноста, како што е последниот случај со повлекувањето на еврообврзницата, со што СДС и ДУИ ја посрамотија државата и го нарушија нејзиниот углед“, велат од опозициската партија.

Претходно денеска, од Владата ја поздравија одлуката на Судот во Стразбур и порачаа дека таа е во корист на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучително и во делот за наводните помилувања.