ВМРО ДПМНЕ предлага мерки за борба против аерозагадувањето

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека владејачката СДСМ нема преземено никакви конкретни мерки против загадувањето на воздухот. Оттаму предлагаат наместо субвенционирање за набавка на дрва, на социјално загрозените семејства да им се исплатат сметките за електрична енергија, а воедно порачаа властите да субвенционираат набавка на хибридни возила.

„Скопје со недели е помеѓу најзагадените градови во светот. СДСМ ја зави државата во црно. Нивото на канцерогени ПМ10 честички во воздухот е скоро месец дена неколкукратно над дозволеното.

Македонија е зацрнета од СДСМ. Две години откако СДСМ е на власт, нема преземено ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот. Напротив  наместо за животна средина се трошат 1.6 милиони евра за лубриканти и над 700 илјади евра за кафе и цвеќиња за владата.

Нема проекти,но затоа министерот Дураку арогантно се однесува и порачува дека нема зошто да се занимава  со граѓаните, заменик министерот Макрадули спие во собрание додека се расправа за загадувањето, а Шилегов си игра игрички, со што покажуваат дека воопшто не им е грижа за нивото на загаденост на воздухот.

Доколку СДСМ навистина сака да го спречи загадувањето, наместо да прави дискриминаторски мерки ние предлагаме владата да се обезбедат субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини.

Додека наместо субвенционирање во набавка на дрва на социјално загрозените семејства, да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија.“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.