ВМРО-ДПМНЕ предложи нови мерки, преупреди дека граѓаните го плаќаат инаетењето на СДСМ да ги прифати

Во текот на вчерашниот ден, премиерот Димитар Ковачевски и министерот Крешник Бектеши конечно се охрабрија и прифатија дел од предлог мерките на Христијан Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ кои беа понудени пред неколку недели. Изгубивме неколку недели поради суетата на власта, а цената на таквото инаетење го плаќаат граѓаните, посочи во понеделникот пратеникот Бојан Стојаноски.

„Со мерката за интегрирање на регулиран пазар на јавните претпријатија кои даваат водни услуги, како и училиштата и здравствените установи, општините наместо парите да ги насочат кон плаќање на повисоки сметки за струја, ќе ги насочат кон реализирање на капитални проекти во интерес на граѓаните“, посочи Стојаноски.

Оцени дека во изминатите речиси три години Владата предводена до лидерите на СДСМ, прво од Зоран Заев а во моментов од Димитар Ковачевски, презентираше десетина пакети со економски мерки, но резултатите се поразителни.

„Македонија е земја со најлоши економски перформанси во изминатите години. Имаме најниски стапки на економски раст, а највисока инфлација. Во делот на инфлацијата единствено полоши од нас се балтичките земји кои се граничат со Русија. Токму затоа бараме Владата во текот на оваа недела да ги прифати останатите мерки кои ги предложи Христијан Мицкоски и веднаш да им се помогне на граѓаните и стопанството“, рече Стојаноски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во продолжение таксативно го наброи предлозите изнесени од лидерот Мицкоски и фактите во моменталната ситуација во економската и енергетска криза.

  1. Претседателот Христијан Мицкоски сподели контакти од западноевропски компании кои можат да понудат суровини за домашните производни енергетски капацитети кои ќе произведуваат двојно поевтина електрична енергија за македонското стопанство. Според последните јавно достапни информации, АД ЕСМ сѐ уште нема донесено одлука дали ќе ги прифати овие или други понуди. Според податоците на Евростат фирмите од Македонија во моментов во просек плаќаат околу 170 евра по мегават час, додека пак во регинот цената е далеку пониска односно, Босна и Херцеговина 71,4 евра, Косово 66 евра, Србија 89 евра, Турција 117 евра, Хрватска 141 евро и Словенија 143 евра.
  2. Ноќните вишоци на електрична енергија кои АД ЕСМ ги произведува, да се продаваат на стопанството по производна цена од околу 80 евра по мегават час до 30 април 2023 година, односно додека е со важност одлуката за прогласена кризна состојба.
  3. Финансиска поддршка за стопанството од страна на државата, преку плаќање на половина од разликата меѓу пазарната цена што ја плаќа македонското стопанство на слободниот пазар и цената на регулираниот пазар на електрична енергија која ја определува РКЕ. За жал ова барање сеуште не е прифатено и доколку цената на електричната енергија на слободниот пазар повторно надмине 400 евра по мегават час, дел од компаниите имаат план да затворат, а со тоа огромен број на наши сограѓани ќе останат без своите работни места.
  4. Дестерилизирање на благајничките записи во Народна банка преку намалена емисија. Овие средства се неопходни за банките да ги насочат кон стопанството и со тоа да се превенира уште поголем број на затворени компании.

Стојаноски рече дека денешната прес конференција е продолжение на низата пјавно обраќања на кои ВМРО-ДПМНЕ го нуди своето знаење и капацитети со цел намалување на последиците предизвикани од продолжената економска криза со која се соочуваат граѓаните и стопанството.

Во таа насока ги презентираше следните мерки кои во текот на оваа седмица ќе бидат доставени до Собранието во форма на предлог-закони и амандмански интервенции. Притоа Стојаноски ја повика Владата да се надмине себеси и земјата да не губи непотребно време обидувајќи се да минимизираат нечиј учинок или идеја, туку да реагираат веднаш бидејќи нема време за губење.

  1. Викенд без ДДВ за прехранбени производи. Во просек, цените на прехранбените производи се зголемини за 30% за септември во однос на истиот месец претходната година. Токму поради овој драстичен раст на цени, Владата прибира огромни средства по основ на ДДВ и затоа сметаме дека за периодот што претстои овие средства треба да останат кај граѓаните. Во текот на оваа недела пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција за Обнова на Македонија ќе поднесе законско решение со кое секој викенд во период на прогласена кризна состојба ќе биде Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи. Очекуваме Владата да го прифати ова решение и да се откаже од неколку милиони евра во интерес на граѓаните.
  2. На барање на стопанските комори предлагаме дополнително одложување на прогресивното оданочување кое треба да стапи на 1.1.2023 година. ВМРО – ДПМНЕ е против овој концепт на прогресивно оданочување и се залага за рамен данок како што е во моментов, но и постепено намалување до ниво од 8% во зависност од економските прилики. Владата мора да се откаже од казнување на најпродуктивните лица во Македонија. Не смееме да дозволиме вработените во ИТ секторот поради несоодветни даночни политики да ни заминат. Токму затоа предлагаме најпрво одложување на прогресивното оданочување, а по парламентарните избори граѓаните да одлучат дали се за зголемување на даноците и даночната евазија или за рационализација на јавните расходи и постепено намалување на данокот на личен доход.
  3. Дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните со категории на граѓани кои се испуштени. Пакетот мерки за граѓаните кој го презентираше Владата изнесува околу 18 милиони евра и истиот сметаме дека е недоволен. Токму затоа преку амандмани ќе побараме финансиската поддршка наместо четири месеци да биде секој месец додека има прогласена кризна состојба, односно заклучно со април 2023 година. Дополнително, ќе бараме сите самохрани родители да бидат опфатени, а не само тие чии деца се на возраст до седум години и се приматели на гарантирана минална помош. Покрај проширување на опфатот за самохраните родители бараме месечна финансиска поддршка од 3000 денари и за: средношколците, невработените лица кои се активни баратели на работа според евиденцијата на АВРМ, децата без родители и родителска грижа, како и корисниците на гарантирана минимална помош. Освен овие заборавени категории на граѓани предлагаме и целосен опфат на пензионерите и вистинска финансиска помош за нив и тоа: по 3000 денари месечно за приматели на пензија до 14.000 денари, по 2000 денари за приматели на пензија до 30.000 денари и за примателите на пензија повисока од 30.000 денари месечна финансиска поддршка од 1000 денари. Доколку пратениците од мнозинството го прифатат нашиот предлог за финансиска поддршка тогаш ќе може да кажат дека ги опфатиле сите категории на граѓани на кои им е потребна поддршка. Да потсетам за јавноста дека стапката на сиромаштија во Македонија според последните достапни податоци кои се од 2020 година изнесува 21,8%. Повторувам, ова е стапка на сиромаштија за 2020 година кога според државниот завод за статистика сиромашно четириличлено семејство има месечни приходи помали од 19.500 денари. Денес, цените се драстично повисоки отколку во 2020 година и бројот на домаќинства кои се соочуваат со сиромаштија далеку повисок.
  4. За студентите предлагаме враќање на мерката субвенциониран студентски оброк како минатата академска година, но со субвенција која ќе биде повисока отколку претходно. Порастот на цените на прехранбените продукти во септември е близу 30%, па оттука наместо износот од 120 денари дневно, предлагаме истиот да се зголеми на 160 денари. Во оваа прилика сакам да истакнам дека поради ланските избрзани законски измени на Законот за субвенциониран студентски оброк студентите нема да добијат средства за октомври, а под знак прашалник се и средствата за ноември доколку не се направат соодветни законски измени кои ќе ги поднесеме до Собранието.
  5. Со предлог дополнувањата во Законот за задолжителни нафтени резерви, планот на Владата е АД ЕСМ да ги искористи државните резерви на мазут и дизел гориво за производство на топлинска и електрична енергија. Предлогот на ВМРО – ДПМНЕ е покрај АД ЕСМ, нафтените резерви да може да стојат на располагање во краен случај и за образовните и здравствените институции кои ги користат овие енергенси за затоплување. Не смееме да дозволиме нашите деца и пациентите да се смрзнуваат поради високите цени на енергенсите. Мора да оставиме законска можност во случај на екстремно високи цени на светските берзи покрај АД ЕСМ и овие јавни установи да ги користат нафтените резерви. Во оваа прилика би сакал да апелирам дека Владата не треба на ова законско решение да гледа како на дозвола за целосно искористување на нафтените резерви, туку на можност во краен случај при драстичен пораст на цени или недостаток на пазарот на енергенси да се пристапи кон користење на овие резерви.
  6. Со дополнувања во законот за данокот за додадена вредност огревното дрво и пелетите ќе предложиме да се ослободат од ДДВ. Мал придонес во екстремниот пораст на цените на овие производи. Останува прашањето зошто ЈП Македонски шуми кое е во целосна државна сопственост дозволи екстремен пораст на цените и кој печали на грбот на граѓаните. Според податоци на Државниот завод за статистика од 2019 година, 280.000 домаќинства се греат на огревно дрво, а 50.000 домаќинства со пелети или брикети. Со нашиот предлог ќе дојде до поевтинување на огревното дрво за 18%, а на пелетите за 5%.
  7. Како последен предлог, кој не е нов, но повторно го актуелизираме поради актуелните состојби е Законот за акцизите со кој предлагаме 50% намалување на акцизите за моторните горива т.е. дизелот и бензините. Високите цени на горивата особено на дизелот нанесува сериозен удар врз сите, со оглед дека истиот учествува со над 50% од вкупната потрошувачка на нафтени продукти во земјата. Високата цена на дизел горивото значи поскапи производи во продавниците безразлика дали станува збор за бела техника или храна, поскап меѓуградски и такси превоз и многу други поскапи производи или услуги од секојдневниот живот. Покрај погонското гориво, го имаме предвид и горивото за греење кое го користат неколку илјади домаќинства кои имаат сопствено парно и за нив предвидуваме намалување на акцизата за 50%.

„Ова се најновите, но не и последни предлог мерки кои ВМРО – ДПМНЕ јавно ги презентира и апелира Владата на СДСМ и ДУИ да ги прифати час поскоро. Истите се внимателно таргетирани и ги опфаќаат токму најранливите категории на граѓани, но и се реална поддршка за стопанството кое е пред колапс. Пред нас е можеби најтешкиот период на економски план и наша обврска како одговорна партија е да ги ставиме на располагање нашите капацитети во интерес на граѓаните, стопанството и државата. Ние сме свесни дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ нема ниту капацитет, ниту знаење за полесно пребродување на овој период и токму затоа одлучивме дека е подобро да им укажеме на грешките и да им кажеме кои мерки треба да ги спроведат, наместо да упатуваме критики без предлог решенија“, рече Стојаноски.

Посочи дека во партијата знаат дека Владата дел од мерките ќе ги одбие со изговор дека се неосновани, а за дел ќе си препише заслуги себеси.

„Зад затворени врати коментираат дека предлог мерките се добри и треба да се имплементираат, но веќе во следниот момент забораваат на интересот на граѓаните и прават разни крими шеми и комбинации за испумпување на државните пари кон сопствените трансакциски сметки. Ако помалку крадат, ќе има пари за сите мерки и вистински ќе се помогне на граѓаните и стопанството“, заклучи Стојаноски.