ВМРО-ДПМНЕ продолжува силна соработка со САД и ИРИ

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев во Вашингтон оствари средба со Јан Ерик Суротчак, новиот директор на ИРИ за трансатлантска стратегија и досегашен директор на ИРИ за Европа.

Ѓорчев го информираше соговорникот за актуелната политичка состојба во Македонија по завршувањето на неуспешниот референдум од 30-ти септември. Граѓаните ги поддржуваат членството на Македонија во НАТО и ЕУ, но очигледно дека меѓу народот има голема недоверба кон политиките на Зоран Заев, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека Ѓорчев додал дека економските индикатори се влошуваат, заедно со политичкиот прогон и слободата на медиумите, како и општото назадување на Македонија во повеќе области.

Исто така, Ѓорчев се заблагодари за долгогодишната соработка и помош од ИРИ за ВМРО-ДПМНЕ која трае веќе 25 години.

-ВМРО-ДПМНЕ силно ќе продолжи да соработува со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и со Републиканската партија, како дел од стратешкото партнерство на Македонија со САД. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги негува односите и соработката со НДИ и Демократската партија, затоа што политичките односи со САД ги надминуваат партиските рамки и се одржуваат без разлика кој е власт или опозиција во двете земји, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ го иницираше и го потписа Договорот за стратешко партнерство на Македонија со САД во 2008 година, а истата посветеност ја споделуваме и денес.

На крајот, меѓународниот секретар Ѓорчев го покани Суротчак во наредниот период да ги посети Македонија и ВМРО-ДПМНЕ во својство на неговата нова функција како директор за трансатлантската стратегија на ИРИ.