ВМРО-ДПМНЕ: Рашковски лаже, врши мобинг и прави хајка

Драги Рашковски изнесува очигледни лаги, дезинформации и лесно доказливи манипулации, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дрско лаже дека наводно биле злоупотребени милијарди, а во целото интервју манипулира со неколку случаи чија вкупна вредност е неколку десетици илјади евра, лажно преставувајќи ги за некаков криминал. Еве јавно го повикуваме да каже од каде ги најде тие милијарди, како стигна до таа сума, кој ги злоупотребил и кои се тие случаи? Доколку тоа јавно не го соопшти ќе стане јасно како и за се друго дрско и отворено манипулира во јавноста, дава паушални оценки. 6 месеци е на функција, а Рашковски наместо да се зафати со работа тој се занимава со измислици за ВМРО-ДПМНЕ. Но во тие 6 месеци не заборави својата баба да ја постави за претседател на второстепената владина комисија, адвокатското биро за кое медиумите пишуваа дека е раковедено од неговиот кум да биде ангажирано од Генералниот Секретаријат и да добива илјадници денари надомест, иако во владата постои правна служба, како и себе си да се намести за владин преставник, а подоцна и претседател на Собранието на Телеком за што добива надомест од 500 евра по седница, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Рашковски покажува лажна загриженост, а во владата вработени се над 40 учесници на „Шарена револуција“.

-Што се однесува до вработувањата во влада освен хајката која што ја прави Рашковски на помалите етнички заедници базирана на невистинити и неточни информации, тој е познат и по мобингот, нечовечкиот третман и иживувањето кој го врши на актуелните вработени. И кога збори за темата вработување добро е да каже по кој основ и компетенции се ангажирани над 40 лица во владата сите учесници од шарената револуција, кој критериум го исполнија и колку државата одвојува за нив на месечно ниво? И најпосле бидејќи Рашковски покажува лажна загриженост јавно го прашуваме зошто ги игнорира над 3.000 вработени во Секретаријатот за Рамковен договор кои според прес конференции на самата СДС, но и јавни признанија од владиниот сектор, земаат плата, а не одат на работа, дали ќе покрене кривична пријава или ќе продолжи тоа јавно да го толерира?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.