ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Ангеловска не водат фабрика за ајвар или агенција за интернет трговија, туку држава

Развој на економијата и на државата нема, ниту може да има со ваква неспособна влада, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по донесувањето на ребалнсираниот Буџет, а по тој повод премиерот Зоран Заев и министерката за финасии Нина Ангеловска одржаа прес-конференција.

Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот предлагаат популистички буџет, оценуваат од опозициската партија и додаваат дека се крати од развојните проекти, како капиталните инвестиции за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект.

„Планот на Заев е префрлање на пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет. Колкави се дупките во економијата кои ќе се отворат на ваков начин, Заев не го интересира бидејќи знае дека е соочен со пораз на изборите. СДСМ заминува, а за сите нерегуларности ќе има одговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:

„Нема поголем апсурд кога премиер говори за исплата на пари на рака, а министерот за финансии го спушта погледот во земја. Тажно е кога премиер говори за „честење“ на работници, а неговиот министер молчи. Зоран Заев и Нина Ангеловска не водат фабрика за ајвар или агенција за интернет трговија, туку држава. Давање на плата, наместо жирално, во кеш, нешто што Заев го прикажува како частење, е кривично дело, бидејќи на тој начин се избегнува плаќање на даноци“.

Според најголемата опизициска партија, Македонија блеска само во главата на Зоран Заев. Во реалноста имаме 2.5 проценти помалку работници во индустријата во јули годинава, во однос на јули минатата година, односно на 100.000 работници лани, а сега имаме 2.500 помалку.

Понатаму се истакнува дека додека Заев  продава ветар и магла, реалниот БДП  во однос последен квартал 2018 со прв квартал од 2019 година е паднат за 211 милиони евра.

„Напразно власта се фали и со субвенциите, бидејќи околу 70 милиони евра од последните неколку години се уште не се исплатени. Не се исплатени ниту дополнителните мерки кои им беа ветувани на земјоделците“, констатираат од оваа партија.

„Кога станува збор за младите, подобро е Заев воопшто и да не ги спомнува. Зоран Заев е политичарот кој од позиција на опозиција ветуваше враќање на младите во државата. Три години е на власт, не само што не ги врати младите, туку и го забрза иселувањето.  Странските директни инвестиции бележат пад од 84.2 отсто односно од 310 милиони евра се паднати на 49 милиони евра, за периодот јануари јуни оваа година во однос на лани.

Преку 500 000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а професорите штрајкуваат заради најниските плати во регионот“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Економската политика во целост е промашена. Било каков ребаланс нема да ја спаси власта. Зоран Заев мора да си замине. Доаѓа време за обнова на Македонија.