Мила Царовска продолжува да оди со глава во ѕид со Концепцијата за реформа во основното образование. Секојдневните реакции и негодувања од родителите и од учениците за воведувањето само на електронски учебници не допираат до Царовска, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Арогантност, насилие и изгубеност од реалноста од страна на Мила Царовска и мафијата на власт при носењето и на овој закон со кои губат учениците, иднината на оваа држава. Царовска го заборава фактот дека над 25 илјади деца немаат компјутер и нема да можат да се образуваат преку таканаречените интерактивни електронски учебници. Ова ќе предизвика социјална нееднаквост и дискриминација на над 25 илјади деца во државата. Туркањето на овој закон со европско знаменце, ја покажува целосната одлепеност и не грижа од страна на Царовска и Заев кон учениците, родителите и наставниците. Наместо Концепцијата за реформа во основно образование Царовска да ја спроведе по секоја цена, треба да одговори на неколку прашања. Дали зад овој проект на дигитализација на учебници во основното образование не се работи за проект вреден 120 милиони евра, буџетски пари? Дали овие 120 милиони евра треба да ги добие фирма од Хрватска? Царовска мора да каже дали за овој неразумен зафат, ќе биде потребен ангажман на бројни невладини организации, надворешни советници и соработници, избрани без познати критериуми?, прашуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека укинување на печатените учебници нема ниту во една европска држава, ама за тоа министерката сака да направи експеримент врз образовниот процес вреден над 120 милиони евра.