ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не може да понуди демократија, реформи и професионалност

СДСМ го покажа своето висинско лице и покажа дека кршењето на процедурите, на Уставот и на законите е единствениот начин на којшто знаат да работат, истакна на прес-конференцијата бо понеделникот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем, праша Ѓорѓиевски, за каков легалитет и легитимитет може да зборуваме кога се обидоа нелегално да изберат претседател на Собранието.

 

„Која ќе биде легалната основа врз која ќе се води работата на Собранието, ќе се носат закони и ќе се носат одлуки?“, запраша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според Ѓорѓиевски вавкиот преседан не може да донесе ништо добро, односно нелегално избраниот претседател не може да носи легални одлуки.

 

„СДС покажа дека брза по секоја цена да се добере до власт и час поскоро да отпочне да ја реализира Тиранската платформа. СДС не може да понуди ниту демократија, ниту реформи, ниту професионалност“, додаде.

 

Оцени дека е крајно лицемерно сега да се зборува за професионалност во полицијата, која наводно тие ќе ја донеле, кога истиот поранешен технички министер во овој ресор од СДСМ, Оливер Спасовски, за само неколку месеци на позицијата министер за внатрешни работи направи брутална и противзаконска партизација на полицијата.

Ѓорѓиевски потсети дека Спасовски нема спроведено ниедна полициска акција за сузбивање на криминалот, туку напротив, како што потенцраше, се фотографирал со припадници од наркомафијата и подземјето, со фалсификатори како Чауш и со криминалци кои му одработуваа на теренот.

 

„Патем, СДС никогаш не направило ништо за полицијата. Секогаш ја напаѓале и обвинувале. Деновиве изминаа точно две години од бруталното насилство врз полициските службеници на нивниот протест пред владата. Вандалите и насилниците од СДС и платеничката револуција, тогаш повредија 40-ина полицајци. Полициските службеници и целата јавност видоа со кого си имаат работа. Целата деструкција на криминалецот Заев излезе на површина“, рече Ѓорѓиевски

 

Потсети дека во вторник се навршуваат две години и од полициската акција во кумановски „Диво насеље“ и оти двајцата највисоки функционери на СДСМ, потпретседателот Оливер Спасовски и претседателот Зоран Заев наместо да покажат грижа за оние кои се жртвуваа за Република Македонија, правеа во таа населба селфи снимки на местото каде што беа убиени македонските полицајци.

 

„Оливер Спасовски нема никакво морално право да говори за полицијата. За деветте месеци додека беше министер единствена реформа беше унапредувањето на сопругот на Фросина Ременски и целосно партизирање на министерството. Ова е капацитетот на СДС, да се заортачи со криминалци, со центри кои не и мислат добро на државава, со негатори на македонскиот идентитет, само за да дојде на власт“, рече уште Ѓорѓиевски.

 

Истакна дека Заев и неговото раководство го премолчуваат сето она што е искажано и што се прави на штетата на земјата и оти се преокупирани со формирање влада „мислејќи дека ќе се спаси од кривичен прогон за големиот број на кривични дела за кои треба да одговара согласно закон“. Но , „граѓаните не сакаат да станат заложници на Заев и неговата деструктивна политика“, пораче Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.