ВМРО- ДПМНЕ: СДСМ никогаш немале јасен концепт за образованието

Опозициската СДСМ никогаш немале јасен концепт за развој на образованието, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека дури и за една реформа каква што е екстерното оценување секој ден кажуваат различни ставови, еднаш се за екстерното оценување, друг ден се против, трет ден ќе го менуваат, четврт ден ќе го укинуваат.

„За  тоа кој колку направил во образованието говорат фактите. Сите години додека СДСМ беше на власт не беше инвестирано ниту денар во осовременување на образованието. СДСМ во ниту  еден мандат не направлила ни 1 процент од тоа што како реформи и мерки во областа на образованието беа превземени од страна на Владата на ВМРО–ДПМНЕ. Не само екстерното оценување, кое што се воведува со цел да се обезбеди реален увид на знаењето на учениците, туку и многу други мерки беа превземени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со цел македонскиот образовен систем да се доближи до европскиот“, се наведува во партиската реакција.

Во време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, се изградени 46 нови училишта, а реновирани се 241 училиште.

„Обезбедени се бесплатни учебници и бесплатен превоз за учениците во средното и основното образование. Воведено е бесплатно задолжително средно образование. Намалена е партиципацијата на државните универзитети, отворени се нови универзитети и факултети со цел образованието да стане подостапно до сите. Набавени се нови и современи лабаратории со кои се олеснува и унапредува образовниот процес, и уште многу други проекти. Единствено за кое СДСМ се грижеше беше да им ги обезбеди тендерите за набавка на нафта за греење на училиштата на фирми блиски на партијата или како поскапо да ги продадат леглата во студенските домови“, се наведува подолу во реакцијата.