ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ профитира, додека граѓаните и стопанството се справуваат со коронавирусот

29

Владата на СДСМ бесрамно профитира од ситуацијата со корона вирусот. Додека граѓаните и стопанството во Република Македонија се справуваат со корона вирусот, Владата енормно троши народни пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-За само четири дена платени се 8 милиони денари од власта за репрезентации, услуги во ресторани и патувања. За само 4 дена од 17-ти до 20-ти март, во екот на заразата кога стотици граѓани биле заразени и побарале здравствена заштита, кога нема доволно ресурси во здравствениот систем, биле потрошени 3 милиони 78 илјади и 300 денари на име на репрезентации од страна на функционерите на власта. Функционерите на СДСМ изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Односно по денови, 467 илјади денари на 17-ти март, 710 илјади денари на 18-ти март, еден милион и 440 илјади денари на 19-ти март и 459 илјади денари на 20-ти март, се подвлекува во партиското соопштение и се додава:

„Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Потрошени се 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници. Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага наместо кратење на плати на работниците и на администрацијата, да нема плати за министрите. Ова е конкретен предлог до владата, Спасовски, Шекеринска и другите да се откажат од платите и да ги донираат за борбата против корона вирусот. ВМРО-ДПМНЕ освен тоа предлага и сет на мерки кои со сигурност ќе придонесат за стабилизирање на економијата без притоа работниците тоа да го почувствуваат на својот грб.

  1. Државата да покрие до 50% од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ,
  2. Целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите,
  3. Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна и интензивна реализација на капиталните инвестиции,
  4. Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки, како и да донесе одлука за укинување на сите давачки – царински и даночни за набавка на здравствени маски, медицински препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот,
  5. Аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени и за ДДВ за месец март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата,
  6. Итно и целосно прекинување на непродуктивните трошоци за времени вработувања,
  7. Да не се прави „урамниловка“ помеѓу платите на функционерите со платите на работниците во администрација и
  8. Веднаш да се обезбедат 1 милијарда евра за да нема негативни последиците врз компаниите и стандардот на граѓаните, од кој 600 милиони преку средства од Светска банка, ММФ и странски банки, и 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, со претворање на пасивниот капитал во актива.

Министрите, политичарите и работниците од администрацијата не можат да бидат израмнети по однос на месечните приходи.

Време е функционерите од СДСМ да почнат со свој личен пример да го помогнат народот.

Владата треба да биде доблесна и да соработува во овие тешки моменти за македонската економија и македонските граѓани“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.