ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ стои зад денешните протести на таканаречените стечајци

52

СДСМ директно стои зад денешните протести на таканаречените стечајци, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ повторно сака да предизвика дестабилизација на државата, овојпат преку група граѓани кои себеси се нарекуваат стечајци. Повеќе од јасно е дека СДСМ е таа што ги организира денешните протести. Видливо беше присуството на високи функционери на СДСМ, како Кире Наумов, кои од далеку ја координираа и насочуваа групата на луѓе составена најмногу од нивни активисти и членови. Тоа е доказ за деструктивната намера на СДСМ да предизвика дестабилизација во Република Макеодонија“, се наведува во реакцијата.

Очигледно СДСМ преку општините во кои владее, Струмица и Куманово, наведуваат од партијата, ги користи своите партиски активисти за протести носејќи ги со автобуси во Скопје, што можеше да се види и од фотографиите кои се појавија во медиумите.

„Јасно е дека општините Струмица и Куманово се злоупотребуваат како логистички и финансиски центри за организирање на вакви сценарија. Би сакале да ги предупредиме СДСМ дека повторно си играат со трпението и нервите на народот. Си играат многу опасна игра. Како и минатата година, така и оваа година, СДСМ не престануваат да играат опасни игри и да смилслуваат начини за дестабилизација, кои не можат да донесат ништо добро за Република Македонија.СДСМ и овој пат избра погрешен пат. Наместо да се обидуваат да ја дестабилизираат државата, подобро ќе биде да се сконцентрираат на создавање разумна програма доколку имаат капацитет и квалитет за такво нешто“, стои подолу во реакцијата.

Ова сценарио со протести и пробивање на полициски кордони, како што се наведува, е веќе видено од страна на СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.