ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ својата неспособност и неодговорност ќе ја покриваат со нови долгови за непродуктивни расходи

239

Владата на Зоран Заев која од позиција на опозиција аукциите на државни хартии од вредност ги сметаше за криминал, денес го искористи истиот начин да ја задолжи државата за дополнителни 10,6 милиони евра, изјави на прес-конференциајата во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Димовска.

„Ова е долг на грбот на граѓаните. Патем нема ниту збор за што ќе се трошат овие 10,6 милиони евра, ниту за училишта, ниту за болници, ниту за други инфраструктурни проекти. Единствено што гледаме од новата влада е трошење на средства за набавка на опрема, париски вработувања, набавки на октоподи, цвеќиња и морски плодови. Патем оваа аукција денес покажа недовербата на банките кон работата на Владата на Заев, бидејќи побарувачката за државните хартии од вредност беше помала од тоа што го планираше министерот Тевдовски. Катастрофалната економска политика на Владата е очигледна и преку ребалансот на Буџетот кој ја покажа нивната антиреформска и расипничка матрица на работа“, рече Димовска.

Ова денешно задолжување, нагласи претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, е дел од лицемерието на СДСМ и неодговорност на новата Влада.

„СДС кој имаше полна уста за презадолженост, гледаме дека има намера уште повеќе да ја задолжува Република Македонија. Впрочем со ребалансот на буџетот, владата на СДС планира да го зголеми задолжувањето за дополнителни 150 милиони евра до крајот на годината, од тоа што беше предвидено како претходна динамика. Апсурдот е во тоа што во ребалансот истовремено се намалуваат капиталните инвестиции, а од друга страна се планира дополнително задолжување од 150 милиони евра. Од ова произлегува дека СДС својата неспособност и неодговорност ќе ја покриваат со нови долгови за непродуктивни расходи“, изјави Димовска.

На граѓаните веќе им е јасно дека најголем дел од денешните 10,6 милиони евра, како и дополнителните 150 милиони ќе завршат на ставката  вдомување на партиските војници од чистачка до министер, како што велеа, договорни услуги за кои не ги знаеме хонорарите, партиски хирови и луксузи. На владата ни на крај памет не и паѓа да реализира нови канализации, водоводи, болници, училишта, и други проекти од интерес на граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.