ВМРО-ДПМНЕ: Секој изминат ден на оваа неспособна власт се плаќа со десетици животи

Половина месец Македонија е со троцифрен број на новозаболени, ставена на столбот на срамот како земја која најлошо се справува со пандемијата во Европа. Заев и Филипче наместо да преземаат искуства од развиените земји, ја спуштија Македонија во друштво на Либија, Ирак и земјите од третиот свет, велат во утринското соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираат дека во регионот сме лидери по број на заболени на милион жители и со најголема стапка на смртност. Велат со бројот од над 4100 заболени од почетокот на пандемијата и 193 смртни случаи, се потврдува дека Заев и Филипче со својата неспособност само ја продлбочуваат кризата.

„Додека Филипче говори за соодветен третман на заболените, oгромен број на медицински кадар e ставен во изолација. Максимално несоодветниот и ненавремен третман на луѓето кои се во прва борбена линија со коронавирусот се заканува да создаде дополнителна криза. За резултати од брисеви за медицинските лица се чека и по 4, 5 дена. Дванаесет дена троцифрен број на новозаболени, не е силен бран, како што вели Филипче, туку здравствено цунами предизвикано од „ненормалната нормалност“ во која власта не убедуваше дека живееме, пред само две недели“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека оваа власт ја постави Македонија на секое дно, потсетувајќи на политичкото влијание на Зоран Заев врз судството, како и огромниот степен на криминал и корупција кој, како што велат, одекнува низ меѓународните извештаи.

„Наместо да се помогнат илјадниците фирми коишто се на работ на егзистенција, со нула приходи, фирмите на Заев печалат во време на пандемија и ги дуплираат своите добивки.  Неспособноста на оваа власт ги чини граѓаните на оваа држава здравје, живот, илјадници изгубени работни места. Кризата само се продлабочува заради мерките и политиките кои не само што не донесоа живот, туку ја зголемија сиромаштијата“, потенцираат од опозицијата.