ВМРО-ДПМНЕ: Што е поважно фотелјата на Филипче или животите на загинатите?

Наместо партиски организираното жалење на оставката на министерот за здравство Венко Филипче, СДСМ требаше да ги жали 15-те животи кои згаснаа поради неспособноста на Филипче и неговиот партиски лидер и премиер Зоран Заев, реагираат во саботата од ВМРО-ДМНЕ.

Реакцијата на опозициската партија доаѓа откако во петокот министерот  Филипче во 19 часот понуди оставка од функцијата, по трагедијата во Тетово во која загинаа 14 лица. Истакна дека ја понудува оставката до Заев како „морален“ чин.

Во саботата е најавено дека веројатно 24 часа откако за својата „понуда“ Филипче ја извести јавноста, премиерот Заев ќе ја објави својата одлука дали ќе ја прифати оставката.

„Наместо жалопојки колку Филипче е супер, отворете очи и гледајте што се случува. Пропуст до пропуст. Сомнителни тендери. Најмногу заболени и починати од корона по глава на жител во Европа. Распад на системот во здравството. И страшна трагедија за која СДСМ нема одговори на клучните прашања“, се наведува уште во кусата реакција на ВМРО-ДПМНЕ.