ВМРО- ДПМНЕ: Што направи СДСМ за стопанството и со кој кредибилитет дава нови ветувања?

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека опозициската СДСМ повторно зборува на празно, прашувајќи што направија тие за стопанството и со кој кредибилитет лесно даваат нови ветувања.

„СДСМ повторно зборува на празно, но ни овој пат никој не им верува во нивните ветувања, бидејќи народот и бизнис заедницата знаат дека додека тие беа на власт не направија ништо. Единствено нешто што правеа е затворање на фирми и зголемување на невработеноста во државата која во нивно време достигна рекордни 38,7 проценти. За тоа им признаваме дека се експерти“, стои во писмената реакција на ВМРО- ДПМНЕ.

За разлика од нив ние, како што стои во реакцијата, ја намаливме невработеноста на 28,7 проценти, БДП расте и во услови на криза, извозот е на рекордно ниво.

„За малите и средни компании обезбедивме 350 милиони евра евтини кредитни линии преку Европската инвестициска банка, од кои 250 милиони евра веќе ги искористија 1.000 компании, а дополнителни 100 милиони евра по повластена каматна стапка од 5,5 проценти се ставени на располагање од почетокот на оваа година со што е обезбеден континуитет во поддршката на малите и средни компании. Дополнителни 10,7 милиони за поддршка на примарното земјоделство, за преработка и извоз, обезбедивме со докапитализација на МБПР при што 27 компании ја искористија оваа можност и добија средства со камата од само три проценти“, стои подолу во партиската реакција.