ВМРО-ДПМНЕ: Службената белешка за Чавков е измислена

Службената белешка на наводен близок пријател на Митко Чавков дека поранешниот министер за внатрешни работи има вила во Халкидики и планира да бега таму е измислена со цел негово притворање, тврди ВМРО-ДПМНЕ пред утрешната пресуда за поранешниот прв човек на полицијата и групата обвинети за 27 април.

„Доказ за политичкиот прогон во Македонија е и преседанот со апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков кој беше приведен на мафијашки начин со измислена службена белешка, и покрај дадената парична гаранција, само неколку дена пред да биде изречена пресудата за политички монтираниот случај за 27 април, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е заробена држава, заробена од заевизмот, систем на владеење кој ја укина правната држава и владеењето на правото во Македонија. Мафијашкото владеење на Зоран Заев и неговиот клан се базира врз политичкиот прогон на неговите неистомисленици. Оние кои први го кренаа гласот против оваа одродена и криминална власт, станаа првите жртви на нејзиното владеење“, се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.
 

Оттаму велат дека Македонија е единствената држава во демократска Европа во која во 21 век во затворите се уште има политички затвореници и дека таму се наоѓаат само поради различните политички ставови со премиерот Зоран Заев.

„Кацарска судството и Русковска обвинителството се симболи на заевизмот, симбол на неостварените ветувања за правда во Македонија, симболи на политичкиот кој не бира средства и начини за вршење тортура врз политичките противници на власта. Правото и правдата во Македонија мора да се врати. На заевизмот кој е реминисценца на криминалната транзиција мора да се стави крај“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.