ВМРО ДПМНЕ со нов предлог за Законот за ЈО, Заев не ја дава Рускоска

Преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ денеска до Министерството за правда достави нов предлог за уредување на јавнообвинителската област како одговор на предлогот што власта го испорача минатата недела. Опозициската партија предлага да нема делење или формирање на ново обвинителството, туку обвинителството за организиран криминал, кое сега го води обвинителката Вилма Рускоска, да ги преземе надлежностите на СЈО. Според предлогот, по носењето на Законот опозицијата треба да даде предлог за нов шеф на ова обвинителството и предлагаат соодветна методологија.

„Ние сметаме дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото превземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога“, вели Антонио Милошоски, член на преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ.

Милошоски вели методологијата којашто ја предлагаат треба да гарантира дека власта нема да го има последниот збор при изборот на шефот на обвинителството за организиран криминал.

„Во однос на самиот избор предлагаме методологија која што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага од оние кои што ќе конкурираат за тоа обнинителство една личност, доколку тој предлог не помине се повторува постапката уште еднаш, доколку теоретски и тој предлог не помине тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност  до Советот на јавни обвинители, доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот“, вели Милошоски.

Предлогот на ВМРО ДПМНЕ предвидува за позицијата да може покрај обвинители да конкурираат и професори по право.

Но, премиерот Зоран Заев со брз одговор дека предложеното не може да биде прифатено. Вели Вилма Рускоска има мандат и води големи предмети и не може политичките лидери на средби да одлучуваат дали некој обвинител да биде сменет.

„не треба да дозволиме лидерите, партиите кога им текне да менуваат обвинители. Вилма Рускоска има мандат уште од четири години и 10 месеци досега е обвинител. Таа има многу предмети досега, меѓу кои ’Рекет’ настаните од 27-ми април и тоа е уште една причина да не испраќаме порака дека политичарите на тајни средби се договараат и со тоа влијаат на независното правосудството. Затоа е убаво да се разгледува решение за воспоставување на обвинителство за гонење на висока корупција. Но, низ работните групи ќе ги разгледаме предлозите“, вели Заев.

Заев во петокот предложи формирање на ново обвинителството чиј шеф ќе биде на предлог на опозицијата и кое ќе ги преземе предметите и вработените на Специјалното јавно обвинителство.

Во предлогот на Заев ВМРО ДПМНЕ препознаваат трик за Рускоска, која ја посочуваат како блиска до власта, да продолжи да ги работи предметите кои се во интерес на владејачките функционери особено случајот „Рекет“.