ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски вработува партиски кадри, а кандидатите за полициски службеници зависат од неговата политичка волја

Кандидатите за полицајци ги поминаа сите фази на селекција и покажаа извонредни резултати на едногодишната обука совладувајќи ги сите знаења и вештини за да станат полициски службеници, реагираат денес од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Тие не заслужуваат да бидат манипулирани од Оливер Спасовски. Срамно е Оливер Спасовски да ги злоупотребува за постигнување на целите на неговата партија и преку нивен грб да бара одложување на изборите, за наводно да им ги потпишел договорите.

Кандидатите за полициски службеници заслужуваат да бидат дел од МВР и тие му требаат на МВР. Тие се иднината на МВР. Нивните договори се изготвени уште на почетокот на април, две недели пред да бидат распишани изборите од Претседателот на Собранието Трајко Вељановски. Нивните договори тенденциозно се држени во фиока и не се потпишани од Оливер Спасовски.

Кандидатите за полициски службеници не заслужуваат вакво понижување од страна на Оливер Спасовски. Не може за партиските послушници на Оливер Спасовски да важат едни закони, а за професионалците други. Не може Оливер Спасовски да си вработува партиски послушници и без еден ден искуство во МВР, незаконски да ги поставува за началници, а кандидатите за полициски службеници кои цела година ја поминаа во Центарот за обука да зависат од неговата политичка волја.

Народот ќе го казни ваквото деструктивно и непрофесионално однесување на СДСМ, а ВМРО ДПМНЕ ќе ја исправи неправдата и штетата која што кадрите на СДСМ им ја нанесуваат на кандидатите за полициски службеници.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.