ВМРО-ДПМНЕ: Својата неспособност Заев сака да ја префрли врз меѓународните партнери на Македонија

Премиерот Зоран Заев својата неспособност се обидува да ја покрие со префрлање на вината кај меѓународни партнери на Република Македонија, предупреди во четвртокот портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Европската унија конечно го виде вистинското лице на Зоран Заев кој својата неспособност се обидува да ја покрие со префрлање на вината кај меѓународни партнери на Македонија. Заканите, притисоците и уцените се единствената карактеристика на политиката на Зоран Заев. Лагите на Заев веќе не минуваат ниту во Македонија, ниту надвор од Македонија. Време е Заев да си замине и да ја плати цената за сите манипулации и урнисувањето на Република Македонија. Неспособниот Заев треба да си замине и на негово место да дојде техничка влада која ќе ги организира предвремените парламентарни избори“, рече портпаролот Стоилковски.

Посочи дека Заев со ваквите свои потези ја срами земјата секаде каде што ќе се појави, и предупреди дека ризикува да влоши односите со меѓународните партнери.

„Не може нашите пријатели од ЕУ да се виновни за криминалот и корупцијата на најнеспособната влада до сега на Република Македонија. Аболицираниот Зоран Заев е најодговорен затоа што Република Македонија има неуспешна економија, тоне во корупција и заостанува во сите реформи. Зоран Заев е најодговорниот затоа што имаме селективна правда и политички нарачани процеси“, додаде Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека во партијата семаат дека Македониј и граѓаните не смеат да бидат казнети заради неспособноста на Зоран Заев со недоделување на датум за преговори. Потсети дека Република Македонија доби десет позитивни препораки и заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

„Зоран Заев ќе загуби на следните избори без разлика кога тие ќе се одржат, а на место на криминалната, неодговорната, неспособната и расипничката влада ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ и влада која што ќе ги спроведе реформите, ќе ја крене економијата и ќе го подобри стандардот на граѓаните. Единствено што може Зоран Заев да направи за граѓаните е да си поднесе неотповиклива оставка и да ги спаси од агонијата во која што ги втурна овие две години“, заклучи Стоилковски.