ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од свој потпретседател на Собранието, порача Димовски

ВМРО-ДПМНЕ не треба да предложи свој кандидт за потпретседател на Собранието, порача поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

„Доколку сме сериозна партија кој има намера да опстои на своите принципиелни критики, ВМРО-ДПМНЕ во знак на прифаќање на критиката од јавноста за непотребно големиот број потпретседатели, сама треба да се откаже од тоа место кое и следува“, напиша Димовски на Фејсбук.

Димовски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги повика сите партии кои, „си направиле пазар за овие функции да го сторат истото“.

ВМРО-ДПМНЕ вчера побара да се тргне од дневен ред предлог-одлуката за одредување на бројот на потпретседатели, критикувајќи дека пет потпретседатели се непотребен трошок на државата и служат само за да се задоволат коалициските страсти.

Лидерот на СДСМ пак, Зоран Заев, критиките на опозицијата ги нарече обид за собирање политички поени на нечесен начин.