ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту еден од функционерите во техничката влада нема да си даде оставка

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту еден од функционерите во техничката влада од нејзините редови нема да си даде оставка.

Реакцијата следува откако вечерва во медиумите се појавија информации дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев подготвува оставка која треба да ја депонира утре, а потоа и дека за оставка се спремаат и останатите дополнителни заменици-министри од оваа партија.

Веста ја демантираше и самиот Чулев.

„Лажна вест е. Станува збор за психолошки притисок пропратен и со други непринципиелни работи“, рече Чулев.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во соопштението наведуваат дека лажните вести во врска со оставките произлегуваат од кујната на СДСМ како резултат на очај и страв од огромен пораз на изборите на 12 април и со цел да се сокрие инволвираноста на Зоран Заев во аферата „Рекет“.

„Тоа што Заев пушта лажни вести значи дека криминалците се плашат од Чулев и дека власта сака да ја сокрие вистината за ‘Рекет’. Ниту СДСМ, ниту криминалците кои се во коалиција со СДСМ нема да ја имаат таа среќа ниту Наќе Чулев, ниту било кој од техничките министри да си дадат оставка“ , велат од ВМРО-ДПМНЕ.