ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе закон за забрана на формирање здруженија со име кое ќе има било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх

-Ставот на СДСМ е многу противречен. Сега го имаме основниот проблем од каде што извираат сите овие провокации и каде наоѓаат основа. Тоа е двостраниот Македонско – Бугарски Договор за добрососедство коj се преименува во договор за не добрососедство во последните години, вели пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во вечерашното гостување во дебатната емисија „Анализа 24“ на Телевизија 24.

Тој истакна дека СДСМ го поддржува тој договор, го потпиша, иако им беше укажано на сите 5 забелешки на комисијата за надворешни прашања, но тие не ги прифатија.

„СДСМ реагира на тоа дека не се задоволни зошто се отвара овој или оној клуб, или пак, зошто се бара преименување на првата или втората гимназија, но не реагира на основниот проблем, дека самиот договор за добрососедство е на штета на Македонија и не само тоа, тие не дозволуваат дури и граѓаните да се изјаснат на референдум“ , рече Милошоски.

Милошоски додаде дека се дава политичка форма на историјата, бидејќи го овозможиле ревидирањето на историјата како политички инструмент а тоа ви го прави соседот дали директно или индиректно.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе закон во Собранието за измена и дополнување на Законот за регистрација на здруженија на граѓани каде ќе стои еден член, дека се забранува основање или формирање на здружение кои според статут или според име ќе имаат било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх“, потенцираше Милошоски.