ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ сака да ги замолкне работниците

СДСМ ја осиромашува државата и граѓаните и креира хаос и несигурност во економијата и затоа им е неопходно да го преземат синдикат и не се воздржуваат тоа да го направат и на сила, надвор од законот, се истакнува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се потсетува дека според предизборните ветувања на СДСМ граѓаните чекаат отворање на нови работни места и повисоки плати, но предупредуваат дека сега владејачката партија „става рака“ над синдикатот кој треба да ги штити интересите на вработените.

„Граѓаните чекаат просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, а СДС наместо да го испорача ветувањето го презема синдикатот за да се осигура дека ќе биде задушен секој револт од катастрофалните економски политики“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа се истакнува дека „партиската полиција“ на министерот за внатрешни работи од СДСМ, Оливер Спасовски, даде асистенција за влез во просториите на Сосјузот на синдикатите за да бииде назначено лице блиско до оваа партија.

„Скандалот да биде поголем, тоа е сторено врз основа на решение со кое се одбива неговото барање за упис во Централниот регистар како овластено лице на синдикатот. МВР на Спасовски постапи надвор од процедура, дозволувајќи партиските наредби да бидат над законот и со закон пропишаните норми“, се додава.

ВМРО-ДПМНЕ реагира дека поради тоа владата предводена од СДСМ брза пред најавените покачувања на даноците и придонесите да ги стави синдикатот и работниците под своја контрола, за да си обезбедиле молк за погрешните економски политики кои ги влечат.

„СДС сака да ги замолкне работниците и да обезбеди вештачки мир, во очи на најавените даночни зголемувања, кои неминовно ќе генерираат отпуштања. СДС ги става под своја капа синдикатите и ги замолкнува во пресрет на се поголемите задолжувања кои планираат да ги извршат во идниот период“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се истакнува дека правото на синдикално организирање е загарантирано со Устав и истото не смее да биде загрозувано од ниедна власт.

„Одговорност за незаконскиот упад во синдикатот мора да има и ќе има. Хаосот што го креира СДС нема да трае вечно. На неодговорното работење и на насилството што го промовира СДС ќе му биде ставен крај. Сите инволвирани ќе одговараат кога ќе се врати правната држава. Граѓаните ќе почнат да си ја враќаат својата држава на 15 октомври. Тогаш Заев ќе биде казнет за злоделата што и`ги прави на Македонија и нејзините граѓани“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.