ВМРО-ДПМНЕ: Владеењето на Зоран Заев ќе остане запаметено како време во кое ништо не е направено

32

Две години во Република Македонија не е изграден ниту еден метар нов пат. Градбата на нова инфраструктура е замрена. Нема проекти, нема инвестиции. Најголем  потфат во областа на инфраструктурата на оваа власт беше играње чочек во тунел на автопат изграден од владата на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Зоран Заев и СДСМ  излажаа кога на изборите во 2016-та година ветуваа дека ќе изградат 600 километри нов автопат и 550 километри нови магистрални патишта.

Власта не само што не изгради ништо ново, туку и тоа кое што требаше да го пуштат во употреба останато од времето на  ВМРО-ДПМНЕ не е пуштено во употреба, па така готовиот автопат Миладиновци – Штип со месеци е вон употреба од причини кои само Зоран Заев ги знае. Иако капитални инвестиции нема, власта сепак без престан се задолжува. Каде отидоа над половина милијарда евра од  нови задолжувања, а притоа ништо не е изградено е прашање на кое Зоран Заев и неговите министри ќе треба да им го одговорат на граѓаните, а и на институциите на систем кога ќе завладее правото во Република Македонија. Најавуваа градежен бум, а не направија ништо. Владеењето на Зоран Заев ќе остане запаметено како време во кое ништо не е направено, градежните работи на инфраструктурата запреле, инвестиции немало , а граѓаните се повеќе се решавале да ја напуштат државата. Колку побргу владеењето на Заев  стане минато, толку подобро за државата и граѓаните, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.