ВМРО-ДПМНЕ: Власта брутално го крши правото на протест

Власта директно го крши загарантираното правото на протест, казнувајќи и изживувајќи се врз граѓани кои излегле мирно да го изразат својот револт од одредени политики, се вели во ракцијата на ВМРО-ДПМНЕ од неделата.

Според опозициската партија, Република Македонија во моментов е заробена државаи со неа владее хунта, посочувајќи на закани, уцени, казни и цензура кои според ВМРО-ДПМНЕ се одликите на „хунтата која ја има заробено државата“.

„Хунтата владее со ширење на страв и закани со казни. Актер е во затвор само затоа што си ја сака земјата, а другите актери кои го поддржаа се парично казнети. Директорот на МНТ им се закани со казна на сите актери кои во знак на солидарност не ја одиграа претставата ‘Ничија земја’ како поддршка на приведениот актер Владо Јовановски од страна на хунтата. Закана врз актери кои изразиле чин на сочувство со свој колега се незабележани во Европа, ниту на било кое друго место во демократскиот свет. Заканите врз актерите се одлика на хунти и фашистички режими’, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

„Лудилото на хунтата на власт не познава граници. Власта се пресметува со секој искрен патриот. Власта се пресметува со секој Македонец кој излезе и кажа не на Тиранската платформа. Известувањето испратено од Министерството за култура до сите национални установи под негова контрола во кое им се наредува да ги избркаат од работа сите вработени, кои на било кој начин учествувале во протестите на ‘За заедничка Македонија’ е преседан за една европска земја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Хунтата на власт, потенцираат од партијата, сака да влее страв кај граѓаните, за никој да не се осмели во иднина да излезе на протест против нејзините штетни политики.

„Власта директно го крши правото на протест загарантирано со член 21 од Уставот на Република Македонија, казнувајќи и изживувајќи се врз граѓани кои излегле мирно да протестираат и да го изразат својот револт од одредени политики. Ова е атак врз демократијата и не смее да остане премолчен. Власта директно удира врз правото на протест. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница и меѓународните организации во Република Македонија да реагираат и да го осудат овој чин на политичка тортура против неистомислениците на власта“, се потенцира во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека партијата нема да дозволи ваквата неправда да продолжи, токму затоа остануваат на улиците „сѐ додека трае оваа тортура“.

ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Министерството за правда, со почеток од 16,30 часот, органзира протест на кој ќе се осудат партискиот реваншизам, политичкиот прогон и неправдата.